СРБИЈА , КОСОВО И СЛОВАЧКА ПРОГЛАСИЈА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА


Премиерот Албин Курти го одобри барањето на Министерството за здравство да прогласи вонредна состојба на цела територија на Косово.

Преку одлука Курти објави дека сите институции на Владата на Република Косово треба да постапуваат во согласност со националниот план за одговор, а Министерството за здравство е одговорно за итно управување со јавното здравство.

Во Словачка е прогласена вонредна состојба поради епидемијата на коронавирус, изјави вечерва словачкиот премиер Петер Пелегрини.
Владата во Братислава наложи од утре затворање на сите продавници, освен оние за храна, аптеките, банките, бензиските станици и поштите.

Пелегрини истакна дека најверојатно фабриката на Фолксваген, кај Братислава, ќе го прекине производството на автомобилски делови утре или во следните денови. Во Словачка се регистрирани 61 случај на заразени лица со коронавирус.

Српскиот претседател Александар Вучиќ вечерва прогласи вонредна состојба на целата територија на земјата.

– Србија денеска е во војна против невидлив противник. Врз основа на Уставот на Република Србија, согласно одредбите од Уставот, членот 5, ве известувам дека донесовме одлука за прогласување вонредна состојба на територијата на цела Србија. Одлуката не ја донесовме лесно, бидејќи се носи во исклучителни околности, истакна Вучиќ.

Тој најави и дека од утре припадниците на Војската на Србија ќе ги чуваат болниците, а полицијата ќе ја спроведува наредбата за изолација на заразените.

– Кој ќе ја прекрши наредбата ќе биде казнет до три години затвор, нагласи Вучиќ пред новинарите во Палатата Србија.

Исто така, тој најави и затворање на училиштата, најверојатно до крајот на училишната година.

Во Србија денеска се регистрирани уште два нови случаја на заразени со коронавирус, со што вкупниот број достигна 48, соопшти српското Министерство за здравство.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *