Реакција на ЈП „Охридски Комуналец“ на прес-конференцијата на ОК на ВМРО-ДПМНE

Почитувани господа од ВМРО-ДПМНЕ, Вашите прес конференции со кои секојдневно сакате да го привлечете вниманието на јавноста се неосновани и ја покажуваат само Вашата очајна цел за собирање евтини политички поени.

Доколку бевте навистина загрижени каде се трошат парите на граѓаните, преку Законот за пристап до информации од јавен карактер можевте да добиете детална слика за финансиската конструкција на расходите за репрезентација.

Во однос на прозивките дека директорот на јавното претпријатие, неколкукратно ги зголемил своите расходи за репрезентација, сакаме да потенцираме дека дури 80% од износот кој е потрошен за репрезентација е врз основа  на одлуката на Управниот одбор на претпријатието, да се исплатат 51.000 денари за традиционалната „Комуналијада“  и обезбедување на храна за работниците, кои работат прекувремено во лето и зима. Имајќи ги во предвид меѓучовечките односи, колегијалноста и коректниот однос, раководниот тим на ЈП „Охридски Комуналец“ секогаш е насочен кон обезбедување на подобри услови за работа на вработените.

Во времето кога со претпријатието управуваше Локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ, обезбедувањето на храна за работниците и  мотивациониот „Тeam building“ беше мисловна именка. Дека ова раководство се грижи за вработените, покажува и фактот дека после долго време, претпријатието повторно исплати К-15 за сите вработени.

Во интерес на граѓаните, кои најдобро знаат да проценат што е лага, а што е вистина, ќе споделиме низа факти и бројки, кои се далеку од недомаќинско и неодговорно работење на раководниот тим на ЈП „Охридски Комуналец“.

Со правилно менаџирање на финансиите и основните средства и покрај наследените долгови во 2018 година, ЈП „Охридски Комуналец“ издвои сопствени средства за инвестиции во вредност 9 милиони денари за основни средства, компјутерска опрема, специјални возила и алати. Набавени се две специјални возилаод 22 м3 за собирање на комунален отпад, едно возило „ман-кипер“, набавен е „мулчер“ со кој во голема мера е олеснато косењето и одржувањето на  големи зелени површини, набавена е професионална машина за миење на возилата, трактор за косење на  мали парковски  површини, електромотор за наводнување и тримери за косење.

Важно е да се нагласи дека во насока на подигнување на капацитетот и подобрување на услугите, за потребите на ЈП „Охридски Комуналец“  Општина Охрид преку кредитна линија од Светска банка набави 7 специјални комунални возила. Две возила за собирање на комунален отпад со надградба со капацитет од 3м3, две возила за собирање  на комунален отпад со надградба со капацитет од 8м3, едно возило за собирање комунален отпад со надградба со капацитет од 20 м3 за собирање и транспорт од контејнери за отпад, едно возило за миење улици-цистерна со капацитет од 8.000 литри и едно специјално возило-трактор.

Исто така ЈП „Охридски Комуналец“ во целост го исплати долгот на претпријатието кон „Охридска Банка“ во износ од 3 милиони денари, а врз основа на вонсудски спогодби исплатени се околу 6 милиони денари, при што има заштеда од камати од 600.000 денари.

По сето ова што е изнесено, следуваат прашањата – Зошто ВМРО-ДПМНЕ во времето на нивното локално владеење не се насочи кон инвестиции и  мерки за подобрување на работењето на ЈП „Охридски Комуналец“. Токму затоа остануваат само популистичките прес-конференции без споредба за сработеното од минатиот менаџерски тим.

Со почит,

ЈП „Охридски Комуналец„

Директор Љупчо Грданоски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *