ПОСЛЕДНИТЕ ОБИДИ ЗА СПАС НА ЈУГОСЛОВЕНИЗМОТ

Колумна на Владимир Каневчев, претседател на ОО на ОМ од Охрид

 

Изминатиов период во Македонија се случуваат турбуленции од невидени размери можеби и поголеми од оние после втората светска војна. Тие кои беа на власт повеќе од една деценија се најповеќе погодени од овие турбуленции, но зошто? Нивната безуспешна борба пред народот, демонстрирана како ,,спас,, за Македонија, всушност е за спас на југословенизмот во Македонија, кој своите корени ги влече повеќе од еден век, кога ова парче од Македонија стана српска бановина како дел на тогашната Кралска Југославија, потоа и во Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, па како демократска социјалистичка република Македонија во составот на СФРЈ, а и четврт век потоа. Судбината на Југославија речиси сите бивши републики ја предвидоа многу одамна пред нејзиниот распад, уште во 70 години на минатиот век, освен Македонија, која лесно си ја најде својата закрила кон северниот сосед или некогашен ментор, како мало бебе во прегратките на својата мајка, знаејќи дека штом почустува глад, мајката е тука да ја надои. Во последните мигови на распадот на Југославија, Македонија застана на еден крстопат, сеуште ,,недорасната,, но благодарение на една тогаш мала движечка сила, предводена од еден млад човек, а задоена од идеалите и борбата за Автономна Македонија, се влеа една позитивна енергија која поттикна добар дел од народот да застане цврсто, зошто едноставно дојде времето да се разделиме од ,,мајката,, и да продолжиме сами. И бидна, и тргнавме сами. Тргнавме сами, ама уште на стартот сопка. Другата гигантска и моќна сила која беше научена да цица од цицката на ,,мајката,, не можеше да се помири со фактот дека Македонија повеќе не е бебе, па покрај мајката од север, го побараа и таткото, или очувот од југ и направија проблем, симболизирајќи ја Македонија како Бивша Југословенска Рапублика, се со цел, спас на југословенизмот. Малата движечка сила од ден на ден стануваше се поголема, се до оној момент кога гигантите и моќниците од другата страна, не можејќи да ја поразат, решија да се вметнат во неа и постепено да ја окупираат, презвемајќи го и лидерството, а потоа со својата веќе добро позната и извежбана пројугословенска политика, криејќи се позади четирите свети букви кои ја фаворизираа таа движечка сила и фрлајќи по некоја трошка на пилињата (народот) успеаа да наметнат една свест која го стави народот во огромна заблуда. Ја воведоа антиквизацијата (само вешто да го прикријат вродениот југословенизам) и успеаја да го оттргнат вниманието кај народот, да внесат лажен патриотизам, враќајќи не векови наназад, заборавајќи дека Македонија е лулка на словенската писменост што целиот свет тоа го признава, а повторно со цел, да се вратат на мајчината цицка од минатото, играјќи си ,,Долина на волците,,, на штета на овој напатен народ. Но се случи чудо. Од остатокот на таа некогашна гигантска и моќна сила која посебно во последните две децении, беше главен двигател на некогашната млада движечка сила, изникна едно ново гранче, гранче кое десетина години вирееше и се разгрануваше полека но сигурно, стана толку цврсто и дојде време да се спротистави на таа некогашната млада движечка сила, но сега веќе метастазирана од тешката болест, југословенизам. И тоа гранче реши, ја поведен народната маса и конечно после еден век Македонија ја почна борбата за ослободување од југословенизмот. И бидна таа борба, иако беше, и сеуште е тешка и мачна. Многу е болно кога се кинат едновековните корени на југословенските гнили чинари, засадени насекаде низ ова наше парче земја, но таа болка брзо ќе помине, зошто конечно во Македонија ќе се засадат нови, европски дрвца, кои еден ден ќе тежат од плодови а македонскиот ум конечно ќе се разбуди, ќе се освести и ќе разбере какво зло му се сеело векови наназад, посебено последнава деценија. Да, ќе бидеме Северна Македонија, зошто веќе нема да зависиме од цицката на некогашната мајка од север поради која го наследивме името Бивша Југословенска, и не само тоа, полека но сигурно, бришејќи ги границите со соседите, многу повеќе ќе се зближиме со нашите вистински и заборавени браќа и сестри од ,,другите,, Македонии. И за крај една порака до новото гранче и нејзиниот цвет: Не допуштајте повторно да ви се вратат и залепат гнилите стари лисја на југословенските чинари, истресете се што е гнило и бајато, дури и многу млади лисја кои лесно се предадоа на ништожниците, да не ве заразат и вас. Дојде време да започнеме од почеток, југословенизмот да го искорениме до крај во оваа наша мила Македонија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *