Донесени мерки за заштеда на струја за безбедна зима, производството на електрична енергија на АД ЕСМ зголемено за 15%

Министерот за економија Крешник Бектеши заедно со директорот на АД ЕСМ Васко Ковачевски денеска на прес-конференција информираа за сет на препораки мерки и задолженија за заштеда на електрична и топлинска енергија кои што на денешната седница ги усвои Владата на предлог на Министерството за економија.

Беа презентирани и податоците за состојбата за производство на електрична енергија во државата.

Мерките се носат со цел да се намали потрошувачката на електрична енергија и кај државните и јавни институции, како и кај домаќинствата и компаниите со цел –„Заштеда на струја за безбедна зима“.

„Како што и претходно напоменав и веќе алармиравме, прогнозите се дека ќе ја преживееме една од најтешките зими на енергетски план, не само нашата земја, туку сите земји во регионот и во Европа. Со цел полесно да се справиме со периодот кој не очекува за да имаме непречено снабдување со електрична енергија и нејзино ефикасно искористување, и крајна цел пониски сметки за струја, Министерството за економија подготви план и препораки „Заштеда на струја за безбедна зима“, кажа министерот Бектеши.

Според министерот, препораките, укажувањата и задолженијата се поделени во повеќе категории пред сẻ во зависност од тоа дали се работи за домаќинства, компании или простории на јавни објекти во сопственост на државата (министерства, агенции, органи на државна управа, државни компании општините и град Скопје).

За домаќинствата и компаниите се предвидени само препораки до кои ќе треба да се придржуваат за штедење на електрична енергија, додека за институциите се предвидени конкретни задолженија.

„Целта која треба да се постигне е намалување на потрошувачката на енергија за 15 % споредено со истиот месец од претходната година. Доколку не се постигне оваа цел, ќе следуваат санкции за органот кој ја раководи институцијата, предвидени со посебна Одлука на Влада“, кажа Бектеши.

Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски информираше дека државната компанија работи со максимален капацитет, согласно моменталните можности на електраните и на нашите ресурси.

„Потребите за електрична енергија на ЕВН Хоум за граѓаните и малите потрошувачи ги задоволуваме исклучиво од наше сопствено домашно производство, односно АД ЕСМ не набавува електрична енергија. Исклучиво набавуваме јаглен и мазут за производство на електрична енергија, со кои ќе ја зголемиме продукцијата во овој период, а што е уште поважно-во периодот на грејната сезона којашто претстои“, кажа Ковачевски.

Според директорот, АД ЕСМ во првите 7 месеци од 2022 година произведе 2194 GWh електрична енергија, што е за 15 проценти зголемување од истиот период лани, кога беа произведени 1914 GWh. Зголеменото производство оваа година се должи на зголемувањето на производството од термоелектраните РЕК Битола и РЕК Осломеј од 40%.Кај хидроелектраните пак годинава имаме значајна заштеда на водата, и намалување на производството во споредба со првите седум месеци лани за 25%.

„Целиот план за производство за 2022 година е направен со 20% зголемување во споредба со минатата година. За реализација на тој план пред се, се оди преку зголемување на ископот на сопствен јаглен, а потоа со набавка на јаглен заради зголемување на производството на електрична енергија во РЕК Битола и РЕК Осломеј“, потенцираше директорот Ковачевски.

Во продолжение препораките, мерките и задолженијата за „Заштеда на струја за безбедна зима“.

1. Препораки за домаќинствата:

–          Користете го бојлерот за подготовка на топла вода само кога таа ви е потребна и тоа по можност во ниска тарифа на електрична енергија (ефтина струја), без притоа да се наруши квалитетот на живеење. Не го поставувајте термостатот на бојлерот за топла вода до максимум. Колку е температурата на водата повисока, толку е и топлинската загуба кон околината повисока.

–          Избегнувајте позиционирање (вклучување) на ладилникот на (нај)ниски температури.

–          Користете ги разумно грејните тела во вашиот дом.

–          Во текот на денот користете го што е можно повеќе сонцето за осветлување како и за загревање на просторот во грејната сезона, додека во текот на ноќта во грејна сезона спуштајте ги ролетните и завесите.

–          Во текот на денот во летна сезона спуштајте ги ролетните и завесите.

–          Не ги блокирајте и не ги покривајте грејните тела со мебел или завеси. Ако грејното тело е покриено, тогаш тоа помалку емитира топлина и помалку ја затоплува просторијата.

–          Користете ја машината за миење садови секогаш полна на ниска тарифа на електрична енергија..

–          Машината за перење алишта користете ја секогаш кога е полна и во време на ниска тарифа на електрична енергија.

–          Исклучувајте ги светилките во просториите во период кога подолго време не престојувате во нив.

–          Исклучувајте го компјутерот по завршувањето на работата со него.

–          Исклучувајте ги полначите за батерии од приклучниците (лап-топ, мобилни телефони).

–          Гответе во помали садови или во садови соодветни на големината на ринглата.

–          Заменете ги старите сијалици (со вжарено влакно) со компактни флуоресцентни сијалици или други соодветни со ознака за повисока класа на енергетска ефикасност.

–          Редовно менувајте ги филтрите на уредите за греење и на клима уредите во вашиот дом.

–          Користете енергетски ефикасни (CFL, LED) сијалици.

–          Поставете туш со малo протекување на вода во вашите купатила.

–          Изолирајте го таванот во вашиот дом и подобрете ја изолацијата на надворешните ѕидови.

–          Изолирајте ги добро прозорците и надворешната врата во вашиот дом или заменете ги со нови кои имаат подобри карактеристики во однос на пренос на топлина (низок коефициент на топлопроводливост).

–          Намалете го навлегувањето на надворешниот воздух во објектот (процепи, пукнатини итн).

–          При купувањето на нов производ преферирајте тој да биде со највисока класа на енергетска ефикасност (A+++, A++, А+, А). Уредот со повисока класа на енергетска ефикасност троши многу помалку енергија, а со тоа и пари во однос на уред кој што е означен со пониска класа на енергетска ефикасност.

–          Исклучете го декоративното осветлување на фасадите на приватните објекти.

–          Не користете осветлување на внатрешните простории кога има доволно дневна светлина.

–          Во сезона на ладење подесете ја температурата на климатизерите не пониско од 27 степени, а во сезона на греење не повисоко од 20 степени.

–          Доколку е возможно инсталирајте на колекторски системи за загревање на вода.

–          Користете скали наместо лифт доколку е соодветно за да се намали потрошувачката на енергија,

Повеќе на следниот линк :

http://vlada.mk/node/29839