Спектакуларно отворање на 61-вото издание, на фестивалот *Охридско Лето”

Спектакуларно отворање на 61-вото издание, на фестивалот *Охридско Лето”

Со спектакуларната изведба на музичко – балетски дела на грандиозниот Петар Илич – Чајковски, од страна на балетски солисти и оркестарот при Македонската опера и балет, под генијалната диригентска палка на маестра Бисера Чадловска, вечерва, под небото на охридскиот антички театар, беше означен почетокот на 61-вото издание на “Охридско Лето”

Ирена Стефоска, министерка за култура во владата на Република Северна Македонија по потекло од Охрид, го истакна следното.

“Шеесет и една година од првиот акорд во величествената Света Софија до шеесет и една година вечерва во грандиозниот Антички театар – минато вредно за длабок поклон. Охридско лето одамна е престижен настан. Охридско лето ја надмина фестивалската улога. Охридско лето стана македонски бренд кој трпеливо си го проби патот до светска препознатливост. Пандемијата која што го занеме светот, не го занеме нашето Охридско лето. Поставено на здрави темели, градено со љубов и негувано со почит – тоа не само што трае туку и ни го дава најдоброто од себе. Тоа е уметноста – лечителка на душата.Ниту Охрид без Охридско лето, ниту Охридско лето без Охрид. Магијата е взаемна како што е магичен и целиот регион.Затоа, замолувам и повикувам – доаѓајте со респект во Охрид. Охрид не е забавен парк. Посетете ја питомата Струга. Струга не е само уште еден град. Прошетајте ја живописната Дебрца. Дебрца не е депонија. Искачете ја Галичица и напојте го погледот со убавина. Галичица не е само уште една планина.Охридското езеро е редок дар, а не базен. Охридско-струшкото крајбрежје e мир, а не бетонски рај.Регионот е волшепство од природата и наследство на историјата. Тапијата е во наши раце само на чување и затоа мора да ја сочуваме – не заради УНЕСКО, туку заради оставениот аманет кој е и наша обврска и наша чест. Во таа задача, ние како Влада, можеби навидум одиме бавно,тоа е факт. Како што е факт и дека не сопираме. Како што не сопира ниту нашето Охридско лето. Зашто летата во Охрид почнуваат и завршуваат со „Охридско лето“. Сè пред тоа, и сè потоа, е само лето”!, заврши таа.