Охридското езеро во ризик поради водостојот во Преспанското

Преспанското езерото е зафатено со процесот на т.н „стареење“. Ова езеро има постојан подземен истек, кој го поврзува со Охридското Езеро чија слободна водена површина се наоѓа за околу 150 метри пониско од Преспанското. Се посочува дека се поставени црпни пумпи кај Асамати и Сирхан за префрлување на вода во системот за наводнување на Ресенското Поле, подигната е преграда на спојот меѓу Малото и Големото Езеро, при што е спречен природниот површински истек. Дополнително се поставени табласти затворачи кои ги контролираат и поголемите води кои го плават крајбрежјето на Мала Преспа и истекуваат неповратно кон Албанија. Се интензивираат изведувањата на нови бушотини за индивидуално црпење на вода и локално наводнување.

„Преспанското е подеднакво важно како и Охридското Езеро. Ако го изгубиме Преспанското го губиме и Охридското Езеро. Во опасност е доведена состојбата за Охридското Езеро. Владата од декември има донесено акциски план, подготвен од експертска група од страна на Министерството за животна средина во која беа вклучени лица од релевантни институции и НВО. Тој предвидува краткорочни, среднорочни и долгорочни мерки. Од она што читаме, најавено е од Министерството за живота средина дека кон средината на јуни е договорена средба на министри на животна средина на трите држави. Сакаме да се интензивира, да се забрза, бидејќи летниот период е период на суши и можно е состојбата да биде и полоша“, вели Рабаџиевска-Наумовска.

Со груба пресметка може да се каже дека во просек езерото годишно има недостаток од 53,0*106m3 вода или неповратно истекување во годината количина од 1,68m3/s.

„Потребна е итност на следните активности: иницирање на состанок на Комитетот за Преспа Парк во рамки на Договорот за заштита кој стапи во сила мај 2019 година. Да се разговара со албанската страна за истекот на водите од Мала Преспа кај месноста викана Грло. Разговор со грчката страна во врска со испуштање на количини вода од Мала Преспа во Големото Езеро. Контрола на сите водотеци кои придонесуваат со свои водни количини во водите на езерото, контрола на подземните води, контрола за запирање на истекот кај месноста Грло, контрола за спроведување на договореното испуштање на вода од Браната на Мала Преспа во Грција, мониторинг на изворите на Црн Дрим кај Св.Наум, изворите кај Тушемишти Албанија и друго“, се вели во информацијата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *