ОТВОРЕНА НОВА ДЕТСКА ГРАДИНКА ВО ОХРИД
Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески и министерот за труд и социјална политика Диме Спасов , денеска на пригодна свеченост ги ставија во употреба дисперзираните простории на градинката ЈОУДГ „Јасна Ристеска“ во основното училиште „Кочо Рацин“.
Просторните услови ги исполнуваат нормативите и стандардите за вршење дејност предвидени со Законот за детска заштита, за кои е добиена согласност од Министерството за труд и социјална политика. Во просториите ќе бидат згрижени 18 деца, во хетерогена група на возраст од 3 до 6 години, на кои секојдневно доследно ќе се спроведува програмата за ран детски развој.
Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов се заблагодари на градоначалникот Никола Бакрачески и на сите вработени во општината за вложениот труд и напор во насока на зголемување на капацитетите за згрижување и воспитување на деца од пред школска возраст.
– Општина Охрид е вистински пример како треба да се работи во насока на подобрување и зголемување на капацитетите и правење на систем за достапност на детските градинки во сите населени места во рамките на една општина. Во разговорите кои ги имаме со општина Охрид ова не е последниот објект кој што ќе се отвори како група во други просторни услови. И понатаму се продолжува со низа активности за во охридското село Пештани набрзо да биде отворена ваква група во други просторни услови со што дополнително ќе се зголеми капацитетот , ќе се подобрат условите и ќе се создадат можности за повеќе родители да можат да ги згрижат своите дечиња во рамки на објектите во општина Охрид,потенцира Спасов.
Воспитно- образовната работа во дисперзираните простории на детската градинка во ОУ “Кочо Рацин“ ќе се изведува во простор со површина од 90 м2. Адаптацијата на просторот опфаќа уредување на занимална, кујна и тоалети.
Исхранaта ќе биде со дистрибутивна кујна . За децата ќе се грижи персонал во состав, воспитувачка, негователка и садоперка – хигиеничар.