Нема опасност од поплави, состојбата се следи

Водостојот на најголем дел од реките и акумулациите во Македонија е под просечното ниво, а некаде и двојно пониско, освен реката Пчиња каде што нивото е поголемо за 1,5 пати од просечното. Нема никаква опасност од поголемо излевање на реки или акумулации.

Ова го изјави министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески по седницата на Координативното тело за превенција од природни непогоди,  кое ја разгледуваше состојбата со водите во Македонија и во регионот.

Јанакиески информира дека Координативното тело заклучило Дирекцијата за заштита и спасување во соработка со општините да преземат превентивни мерки, бидејќи се очекува и наредните денови водите коишто доаѓаат, пред се од Србија, да го зголемат дополнително нивото на реката Пчиња.

Состојбата на Пчиња се следи и на секои два часа се добиваат информации од Хидрометеоролошкиот завод. Ако има  потреба ќе преземеме и други дополнителни мерки, а во оваа фаза одиме со превентивни, за чистење тесни грла, чистење гранки околу мостовите…, наведе министерот Јанакиески, кој за превентивните мерки разговарал со раководствата на општините.

На седницата е донесен заклучок да не се испуштаат дополнителни води од акумулациите во наредните два дена, бидејќи денеска и утре, согласно информациите од Хидрометеоролошкиот завод, ќе има дождови, но не со голем интензитет, а од недела до крајот на месецот ќе преовладува сончево време со повремени локални врнежи. – Денеска и делумно утре ќе има врнежи претежно во северозападниот дел на Македонија. Заклучокот е да не се испуштаат води пред се во акумулацијата Калиманци и хидросистемот Злетовица. Во координација сме и со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и со ЕЛЕМ, изјави Јанакиески.

Тој апелира општините Куманово, Старо Нагоричане и Петровец да ги ангажираат сите свои капацитети, но исто така состојбата будно да ја следат и останатите општини во државава.

Според Јанакиески, од Србија и од Босна и Херцеговина каде што има поплави, се уште не е пристигнато директно барање за помош од Македонија, но е доставено генерално барање од Европската асоцијација за заштита и спасување до сите земји членки.

„Имаме контакти со соседните земји. Доколку има директни барања, Владата ќе одговори, како што најави и премиерот, со сите расположливи капацитети. Исто така, очекувам дека деновиве ќе биде разгледано и барањето на Европската асоцијација за заштита и спасување“, информира министерот за транспорт.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски рече дека во изминатите десет дена по последните поплави во источниот дел од државата, особено во атарот на општината Чешиново-Облешево, дојде до исцедување на водата и нејзино повлекување во коритото на Злетовска река. Оттаму, појасни, е и упатството од денешниот состанок до хидросистемот Злетовица да се воздржи од какви било испуштања дополнителна количина вода од акумулацијата. Тоа се однесува и за акумулацијата Калиманци.

„Состојбата е стабилизирана дотолку повеќе што и самото водостопанско претпријатие Брегалница работи на реализација на планот за дистрибуција на вода за потребите на оризовите полиња. Сите штети што беа со наталожувањето на мил на одредени површини, што е случај со два хектари, во атарот на селото Лепофелци е санирано, а останатите површини се сосема во добра кондиција и сите земјоделски активности со оглед на околностите се одвиваат во најдобар ред,“ рече министерот Димовски.

Додаде дека не се евидентирани одредени оштетувања на останатите земјоделски култури освен тоа што, со оглед на влажноста на почвата, за одреден период ќе доцни пролетната сеидба на пченицата.

Министерот Димовски најави и дека следната недела ќе се одржи средба со пчеларите за да се најде решение за надминување на проблемите со кои се соочуваат поради временските прилики.

„Станува збор за доцно цветање на багремите и неможноста на пчелите да ги вршат активностите со оглед на временските прилики. Имаме добиено информација од пчеларите. Во текот на следната недела ќе имаме работен состанок со нив и ќе ги увидиме сите проблеми со кои се соочуваат и ќе бараме излезни решенија“, изјави Димовски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *