Константин Георгиевски: Охрид влезе во историски процес на раздолжување на градот

Скопје1.мк: Во буџетот на општината годинава влегоа и милионите евра кои Владата ги трансферира за раздолжување на Охрид кое мора да се заврши во првата половина на годината. Подготвени ли сте за овие преговори со компаниите доверители ?

„Советот на Општина Охрид за 2019 година го изгласа најголемиот буџет во историјата на градот , тежок 1.040.000.000 денари , од кои 495.000.000 отпаѓаат на средства кои ќе припаднат на Општината согласно мерките на Владата на Република Македонија за раздолжување на општините . Во Општина Охрид во тек е јавен повик на пријавување на доверителите како ние би биле во можност да формираме првична ранг листа на доверителите , потоа да пристапиме кон преговори со дел од нив во однос на каматите и да ја формираме листата која треба да ја доставиме до Советот на Општина Охрид и истата да добие зелено светло за реализација и исплата . Подготвени сме за преговори со доверителите и во периодот кој следува и за мене како В.Д Градоначалник тоа е една од најважните задачи , затоа што сме временски врзани согласно закон тој процес да го завршиме до 30.06.2019. Овој целокупен процес е исклучително значаен за Општина Охрид и после долги и мачни години кога Општината се гушеше во долгови , за прв пат благодарение на Премиерот Зоран Заев, кој го исполна ветувањето дадено кон граѓаните на Охрид , а тоа е раздолжувањето на Општината , ние сега можеме да зборуваме за раздолжување на една од најзадолжените , ако не и најзадолжената општина во државата “ , вели Георгиевски и го коментира односот на ВМРО ДПМНЕ кон ова прашање.

„Мене ми е исклучително криво што советниците во Советот на Општина Охрид од редот на ВМРО ДПМНЕ , не гласаа за овој буџет , со тоа тие не гласаа за раздожување на Охрид , за просперитет и иднина на градот , едноставно нејасно ми е како е можно да не гласаа ЗА Охрид , но сепак , тоа е нивен избор , од кој што еден ден ќе се срамат “, заклучува Георгиевски.

Скопје1.мк: Ќе се раздолжуваат ли и јавните претпријатија ?

„Една третина од долгот на сите јавни претпријатија во Македонија , отпаѓа на МЈП Проаква Охрид . Кога пред една година и два месеци дојдовме на власт затекнавме таму , јавно претпријатие кое немаше исплатено 3-4 плати и придонеси на работниците и загуба од околу 36.000.000 денари на годишно ниво , а за инвестиции и да не зборуваме .Слична беше ситуацијата и во другите јавни претпријатија , можеби не изразена во толкава мерка , но сепак ситуацијата беше далеку од сјајна , освен во ЈП Нискоградба , каде во споредба со останатите јавни претпријатија состојбата беше донекаде стабилна и консолидирана до некое прифатливо ниво . Согласно законот е предвидено раздолжување и финансиската поддршка за единиците на локалната самоуправа и единки корисници основани од единиците на локалната самоуправа од областа на образованието, културата, детската и социјалната заштита за финансирање на доспеани, а неплатени обврски. Ние и во изминатата година активно работевме на консолидација и раздолжување на јавните претпријатија , па така ЈП Проаква од тежок загубар дојде во ситуација после само една година за прв пат после не знам колку години на работниците да им додели К-15 , а загубите се сведени на минимум . Се постигна нешто за што многу пред нас пробаа , но малку направија , а тоа е уште едно ветување кое го даде Премиерот Зоран Заев и го исполна,  а тоа е решавањето на Колекторот , тоа е завршена работа . ЈП Колекторски систем е во фаза на формирање и со тоа драстично се менува целата слика“.

Скопје1.мк: Како ќе оди таму овој процес и кое претпријатие може да очекуваме прво да се раздолжи ?

„Во тој дел следуваат драматични и тектонски позитивни придвижувања на кој ние како генерација ќе сме горди . ЈП Охридски Комуналец покрај намалување на долговите , инвестираше сопствени околу 8.000.000 денари и околу 430.000 ЕВРА од кредитна линија на Светска банка со која беа набавени уште 5 комунални возила , една цистерна и еден трактор “.

Скопје1.мк: Ќе продолжат ли активностите за промоција и поддршка на туризмот и промотивните активности на саеми и презентации во светот ?

„Туризмот претставува водечка гранка во Охрид , ние активно ќе продолжиме во промоција на Охрид како атрактивна туристичка дестинација но и во креирање на приказна за Охрид , и ќе работиме на развој и развиток на планината заедно со сите здруженија и поединци кои имаат однос кон природата и културните богатства во насока на развој на алтернативен турирам , хајкинг , алпинизам и велосипедизам . И секогаш ќе сум на страната на природното богатство и дозираното употребување на тоа што само го позајмуваме од нашите деца во моментов на нашето битие на овој свет а тоа е нашиот прекрасен Охрид , и ќе се залагам против изградба на Ски Центар на Галичица и сметам дека е чесно еднаш за секогаш да се најде маж кој ќе престане да ги замајува Охриѓани со луди , економски неисплатливи и неостварливи проекти за Ски Центар на Галичица . Јас сум пасиониран скијач и планинар , и најмногу од сите сакам да имаме Ски Центар на Галичица , но реалноста е сосема поинаква , едноставно таму нема услови за тоа и тоа никогаш нема да се случи и сите претходни најави , ветувања и муабети се само празни дневно-политички муабети .Промотивните активности секако дека ќе продолжат , учеството на саеми ценам дека досега е разбирано како добра можност за прошетка на дел од администрацијата без некој значаен и мерлив ефект и истото во периодот кој следува лично ќе го ревидирам во консултација со релевантни експерти од областа на туризмот“ .

Скопје1.мк: Кои се тековните проекти кои во моментов се работат во Охрид ?

„Во моментот во тек е изградба на спортска сала во ЕМУЦ , потпишан е договор за комплетна реконструкција на кружниот тек кај Општа Болница Охрид исто така и за довршување на патеката до Хотел Парк , со подобрување на времето започнува комплетна реконструкција на Булевар Туристичка , улица Егејска се надевам до средина на февруари да започне со реконструкција , во село Лескоец сме при крај со неколку краци на канализација кој после застој од околу 2месеци ќе ги продолжиме … така да , пролетва не очекува вистинска инфраструктурна инвазија во Охрид“ .

Скопје1.мк: Имате ли аспирации да сте кандидат на Локалните избори кои не чекаат најдоцна на пролет ?

„Моментот на загубата на Градоначалникот Стојаноски ме најде , како негов заменик. Многу часови поминавме заедно во разговори каков Охрид сакаме , каде сакаме да го развиваме градот , имавме голема доверба еден во друг . Тешко беше и е , да се размислува сега на оваа тема , посебно кога тој кобен 15ти Декември до последно бевме заедно . Не знам … доколку би размислувал во насока на избори и кандидатура тоа веројатно би било во знак на почит кон човекот кој прв имаше доверба во мене , доследно и достојно да го продолжам патот за кој часови и часови на моменти во занес разговараме за нашиот Охрид . Сепак сметам дека е премногу рано за одлука по тоа прашање . Ќе следуваат партиски консултации , разговори и носење одлуки од органите на партијата , сепак не можам да исклучам моја кандидатура на локалните избори во Охрид , доколку партијата и членовите го побараат тоа од мене “.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *