16 ДЕНА АКТИВИЗАМ ЗА БОРБА ПРОТИВ НАСИЛСТВО ВРЗ ЖЕНИТЕ

Во текот на вчерашниот ден, во просториите на општина Охрид, Комисијата за родова еднаквост при Советот на општина Охрид одржа седница во рамки на меѓународната кампања „16 дена активизам за борба против насилство врз жените“. На седницата присуствуваа претседателката на Советот на општина Охрид, советнички од Советот, портпаролот на СВР Охрид, претставници од Центарот за социјални грижи – Охрид, од Црвен крст – Охрид и од НВО Опција Охрид. Секој од присутните се вклучи во дебатата, што се одвиваше на тема „Семејно насилство и насилство врз жената“, со гледишта од свој аспект, при што беа разменети многу информации, искуства и сознанија, а покрај тоа беа наведени и доста статистички податоци за бројот на жртвите на семејно насилство и насилство врз жените за тековната и минатата година. Од податоците беше согледано дека жртвите пред се се’ жените, потоа децата, а на крај мажите. Најчесто употребуван метод е физичката сила, а има и случаи со употреба на ладно оружје. Причината поради која доаѓа до насилство се нарушените брачни односи, но има и доста случаи каде сторителот е во алкохолизирана состојба.

Во рамки на дискусијата беа увидени предностите и недостатоците на институциите кои се занимаваат со оваа проблематика. Едногласно беа констатирани следните заклучоци:

Преземање мерки на релевантните институции за итно отворање на шалтер центар, каде би се згрижиле жртвите на семејно насилство и каде би функционирал мултисекторски тим.

Формирање на Совет за превенција во рамки на општина Охрид

Поагресивна кампања, со организирање на работилници со населението, посебно во руралните средини, за борба против семејното насилство и насилството врз жената

Кампања меѓу населението со печатење на флаери и брошури

Организирање на предавања од стручни лица во училиштата и градинките, со вработените, а посебно со педагозите и психолозите за навремено препознавање на деца – жртви на семејно насилство

Организирање предавања со учениците од стручни лица за причините и последиците од семејното насилство и насилството врз жената.

Комисијата ја презеде одговорноста за сите потребни активности околу реализацијата на горенаведените заклучоци, како и буџетот за наредната година да го креира на тој начин што во финансискиот план ќе ги предвиди сите трошоци кои ќе произлезат.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *