ФИФА го суспендираше претседателот на шпанската фудбалска федерација поради скандалот на СП

Првиот човек на Фудбалскиот сојуз на Шпанија, Луис Рубиалес, е суспендиран од сите активности поврзани со фудбалот, пренесуваат бројни светски медиуми.

Рубиалес е критикуван поради своите потези откако женската фудбалска репрезентација на Шпанија го освои Светското првенство. Првиот човек на шпанскиот фудбал ја бакна фудбалерката Џени Хермосо во уста и со тоа подигна голема прашина.

Јавноста го осуди тој потег, но Рубиалес и покрај сите притисоци не сакаше да отстапи од позицијата претседател на Фудбалскиот сојуз на Шпанија. Но, стигна првата реакција од фудбалскиот свет.

„Не бев согласна со тоа што претседателот Луис Рубиалес ме бакна“, изјави Хермосо по скандалот.

Сега и ФИФА се вклучи во случајот и го суспендираше Рубиалес. Дисциплинскиот претседател на ФИФА, Хорхе Иван Паласио, привремено го суспендираше првиот човек на шпанскиот фудбал од сите фудбалски активности на 3 месеци.

 

Тоа вклучува извршување на сите активности поврзани со националниот и меѓународниот фудбал, така што Шпанија сигурно ќе има нов претседател на Фудбалскиот сојуз.

До каде отиде целата ситуација најдобро говори податокот дека дури 81 фудбалерка од Шпанија потврди дека никогаш повеќе нема да игра за репрезентацијата, додека на таа позиција е актуелниот претседател. Без разлика на неговата одлука да остане, Рубиалес сега ќе биде принуден да ја отстапи функцијата на некој друг.