Гого Славески стана светски шампион во бокс со голи раце

По Александар Волкановски, Македонија доби уште една гордост во боречките вештини, бидејќи рано утрово, Горјан Славески стана светски шампион во БКФЦ шампионатот во велтер категорија.

Популарниот Гого покажа извонредна техника во финалниот дуел против Џејк Линдзи и стана светски првак во борбите со голи раце, а до победата стигна со едногласна одлука на судиите.

Борецот кој е роден во Скопје доби три од вкупно пет рунди и со својот агресивен пристап му зададе повеќе удари на ривалот, што беше и клучно за триумф и обезбедување на шампионскиот појас во натпреварувањето во кое не се користат ракавици.

 

Ова беше шеста победа во низа за Македонецот во ова натпреварување, а Линдзи стана дел од листата од која претходно беа дел Рамал Аманов, Џастон Стилс, Далас Дејвисон, Евгениј Курданов и Јосденис Седено.

Сите тројца судии беа согласни за победа на Гого во финалната борба, па така конечниот резултат гласеше 49:46, 49:46 и 48:47.

– ЗА МОЈОТ НАРОД НИКОГАШ ДА НЕ ГО ЗБОРИШ ВО ДЕМИНУТИВ!! СВЕТСКИ УСПЕХ!!!, – порача Гого на Инстаграм.