Кирил Пецаков: Охрид ја живее најдобрата сезона во историјата ; Охрид-Кичево е „автопат на смртта“; Базенот мора да се изгради;

После 7 или 8 години добивме тотално нефункционален автопат, дури и на низинските делови каде нема поголеми проблеми за градба

-изјави градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков за емисијата „За или против“ на националната телевизија Алфа.

Пецаков напомена дека генерално, сите ние кои патуваат често од Охрид кон Скопје и обратно знаат дека интензитетот на градба на автопатот Охрид-Кичево е слаб. Дополнително имаше проблем со потегот од Охрид до после аеродромот кој го изведувапе албанска фирма, а охриѓани се тие кои цело време ги трпат проблемите и последиците.

– Ова стана автопат на смртта затоа што многу луѓе ги загубија животите во текот на изградбата. Постојано добивавме лажни ветувања за тоа кога ќе заврши изградбата.
Немаме скоро никаква комуникација со одговорните, а се трошат милиони државни пари. Имаме некои состаноци поврзани со автопатот само за две клучки кои се на територија на Општина Охрид. За тие сме разговарале, но за рокови немаме никакви информации. Јас се обидов да комуницирам во периодот кога го затворија влезот во Охрид, за што сите наши служби сметаа дека не треба да се направи.
Имавме комуникација со преписки и прес конференции, тие сметаа дека сум бил лицемерен и официјално на темата за завршување на автопатот никогаш не сме разговарале,

-истакна Пецаков во емисијата.