СВЕЧЕНО ОДБЕЛЕЖАН 11 ОКТОМВРИ- ДЕНОТ НА НАРОДНОТО ВОСТАНИЕ

Со свечена седница што се одржа денес  во големата сала на општина Охрид, Локалната самоуправа и  ОО на Сојузот  на борци од НОАВМ на Охрид и Дебарца, беше одбележан  11 Октомври – Денот на народното востание на Македонија.На свеченоста, за овој голем историски ден, пред присутните се обрати заменик градоначалникот Ангел Јанев.

– Со почит и пиетет, се сеќаваме на подвизите  на сите херои и борци, кои учествуваа во Народноослободителната антифашистичка  борба, за слободата на Македонија. Благодарение на нивнатаа борба за слобода, втемелена врз илинденската слободарска традиција, нашите поколенија денес живеат безбедно во самостојна и суверена Република Македонија. Кузман Јосифоски- Питу, еден од  великаните и хеоите  на Народносолободителната војна,  ќе рече -„Денеска, кога македонскиот народ се наоѓа пред решителна борба за извојување на својата национална слобода, споменот на Илинден треба повеќе од секојпат да светли пред очите на целиот македонски народ, пред лицето на сите чесни и слободољубиви Македонци, сите кои ја сакаат својата земја…” . Тоа се мисли водилки кои постојано не потсетуваат дека треба да ги почитуваме  идеалите и жртвите на генерации Македонци кои се бореле за нашата сегашност и иднина. Ние, врз темелите на слободарските традиции на нашите претходници, со референдумот што се одржа на 8 септември 1991 година, ја покажавме нашата одговорност и  ја етаблиравме Република Македонија, како независна ,самостојна и суверена држава и го остваривме вековниот сон на нашите претци. Создадовме сопствена самостојна држава и судбината за  иднината на Република Македонија  ја презедовме во нашите раце. Сето тоа го направивме и го правиме со посветеност и упорна работа за да изградиме  модерна европска  држава, во која владеат демократијата, правдата и правичноста и висок степен на почитување на човековите права. Иднината на Република Македонија, ја гледаме како дел од евроатланските интеграции, бидејќи цврсто сме убедени дека одејќи по тој пат ќе обезбедиме подобра перспектива за нашите поколенија. Така ја трасираме нашата иднина  кон обедината Европа,колективните безбедносни системи и сите заедници на слободните и демократски држави. Чествувањето на важните настани од нашата историја, како што е одбележувањето на 11 Октомври – Денот на народното востание, не мотивира да издржиме на нашите определби за подобра и попросперитетна Република Македонија- рече во обраќањето заменик градоначалникот Ангел Јанев.

За историските настани поврзани со 11 Октомври- Денот на востанието на Македонскиот народ, зборуваше професорот по историја Бобан Блажески. – Востанието било последица на тешката и неподнослива состојба во која се наоѓале македонските граѓани под окупација, големите даноци и експлоатацијата кои ги втурнале во беда и мизерија. Македонија била стопански исцрпена, а македонскиот народ угнетуван. Ваквата неподнослива состојба довела до подигање на Народно ослободително востание. На заземената територија, населението под водство на антифашистите од Македонија засилено се подготвувало за востание. На 11 октомври 1941 година во Прилеп и Куманово, македонските воени формации вршат напад врз затворот, со што почнува востанието на македонскиот народ за ослободување и формирање слободна и независна држава Македонија– рече Блажески. Тој ги објасни и околностите  за подигнување на востанија на македонците во Егејскиот и Пиринскиот дел на Македонија.

Во културно- уметничкиот дел свеченоста настапи хорот при гимназијата „ Св. Климент Охридски“ под диригенство на професорот Александар Димоски, учениците Емилија Дуноска и Кирил Ковачески од ОУ „ Григор Прличев“ под менторство на професорката Славица Димитриеска и Џеврие Туле и Искра Атанасова- Митуш од Основното музичко училиште „ Методи Патче“, под менторсство на професор Даниел Чуркоски.

Одбележување на празникот продолжува во недела на 11 октомври 2015 година во 11 часот,кога  делегација од општина Охрид  ќе положи свежо цвеќена спомен – обележјата од НОБ во  Спомен  – паркот  на Револуцијата и градските гробишта.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *