Искористување на потенцијалот на ИТ индустријата за поголема конкурентност

Приоритет на секоја влада е економскиот раст и развој на сопствената економија. Она што е важно во тој контекст е поставување на широкопојасна основа на самиот економски раст. Имено, дисперзијата на изворите на растот е важна со цел поголема отпорност на економијата на одредени шокови.
Ова најдобро се воочи со корона кризата предизвикана од вирусот Ковид 19, кога поради ниското ниво на дигитализираност на одредени сектори во стопанството имавме негативни ефекти во истите. Оттука, доколку направиме анализа за отпорноста и растот на секторска основа во тој период, ИТ индустријата е сектор кој што испорача соодветни стапки на раст.

Доколку ја погледнеме табелата која се однесува на движењето на извозот токму во периодот на 2020 и 2021 година, може да се воочи дека извозот на компјутерски услуги во овој период има солиден раст. Она што е важно е соодветно да се канализира потенцијалот на оваа индустрија во насока на поддршка на процесите на дигитализација на останатите сектори во економијата.
Исто така, со цел подобрување на потенцијалот за раст на економијата и подобрување на нејзината конкурентност, потребно е зголемување на нивото на економска комплексност на производите и услугите на ИТ секторот. Овој процес ќе има повратен импулс во насока на зголемување на атрактивноста за инвестиции во индустријата и испорачување на повисоки стапки на раст и развој.
Важно во овој пристап е зголемувањето на степенот на поддршка од државата преку поголема кохезија на образовниот систем со реалниот сектор, со што би се подобрил квалитетот на човечкиот капитал и би се зголемила и додадената вредност во соодветната индустрија.