Ковачевски: Јајцата од кокошка, оризот се со замрзнати цени, намалена и цената на брашното

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, заедно со министерот за економија, Крешник Бектеши и директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски беше во посета на еден од маркетите во Скопје.

Посетата е со цел да се провери фактичката состојба со снабденоста и цените на основните прехранбени продукти, меѓу кои јајцата од кокошка и оризот, за коишто Владата на Република Северна Македонија донесе одлука за замрзнување на цените, како и проверка на снабденоста и цената на брашното.

„Драго ми е што денеска се уверив дека нашите одлуки се почитуваат, што, се надевам е случај и во другите маркети. Ваквата мерка ќе остане во важност до крајот на април 2023 година, со тенденција вакви слични мерки да донесеме и за други прехранбени производи, ако за тоа се укаже потреба, според претходно направени анализи какви што во моментов правиме.

Пријатно се изненадив и што видов и дека и малопродажната цена на брашното е намалена во дел од маркетите, без при тоа, државата да донесе официјална одлука за тоа, а таа е направена врз основа на разговорите кои ги имавме со производителите на брашно, како и врз основа на намалувањето на дел од трошоците кои ги имаат во нивниот производствен трошок.

Ваквиот потег го поздравуваме и ги охрабруваме и другите продажни места да го следат овој пример“, изјави премиерот Ковачевски, за време на посетата на маркетот.

Тој истакна дека Владата на Република Северна Македонија носи одлуки кои го штитат семејниот буџет.

„Сакам да ја уверам македонската јавност дека нашето присуство овде не е случајно. Владата, и јас како прв човек во Владата, водиме практична, инклузивна политика. Носиме одлуки кои ги засегаат граѓаните и затоа, сакаме лично, на терен, да го слушнеме гласот на граѓанинот, гласот на народот, како реакција на политиките кои ги спроведуваме и одлуките кои ги носиме“, рече премиерот, кој најави можно намалување и на цените на овошјето и зеленчукот.

Премиерот потенцира дека мерките за замрзнување на цената на јајцата од кокошка, како и оризот, а пред тоа, на млечните производи, тестенините и лебот, се носат во насока да се помогне на граѓаните.

„За мене е сосема јасно и тоа сум го кажал во сите прилики од септември до денес, дека трошоците за живот се зголемени како резултат на војната која се води во Украина и заради тоа Владата донесе низа на мерки од зголемување на минималната плата, зголемување на пензиите, зголемување на финансиската помош на најранливите категории на граѓани.

Повеќе на следниот линк:

https://vlada.mk/node/32676