ЗАПОЧНА СО РАБОТА ЛОКАЛНОТО КООРДИНАТИВНОТО ТЕЛО ЗА РАЗВОЈ НА ТУРИЗАМ

Врз основа на Меморандумот за разбирање и соработка, потпишан меѓу Општина Охрид и „ИМЕ“  програмата на Швајцарската агенција „СВИСКОНКТАКТ“ , денеска се  одржа првиот состанок на Локалното координативно тело за развој на туризмот. На состанокот на кој присуствуваше и Елена Иванова од Секторот за туризам и угостителство  при Швајцарската фондација за техничка соработка, се разговараше за улогата на координативното тело, стратешките промени и методологијата за развој на туристичката дестинација и изготвувањето на стратегија за развој на туризмот во Општина Охрид.

– Целта на формирањето на Локалното координативно тело за развој на Охрид како туристичка дестинација е синхронизирање на активностите на јавните институции, правните субјекти и другите чинители од областа на туризмот. Прв приоритет е изготвување на Стратегија  за развој на туризмот во Охрид за следните пет години, преку консултативен процес- рече Елена Иванова од Швајцарската фондација за техничка соработка.

– Изготвувањето на Стратегијата за развој на туризмот во Охрид, како што истакна раководителот на Секторот за туризам и локален економски развој Ѓоко Апостолов, е важен процес, бидејќи со тоа на полесен начин се доаѓа до средства од европските фондови. „ Со изготвената стратегија ќе аплицираме за користење средства од ИПА фондовите кои се сервисираат  преку  Светска банка, а вкупниот износ за  Република Македонија  е 23 милиони евра. Дел од средствата  можат да се добијат како грант или со директна  спогодба , а доколку добро сте подготвени може да се издејствуваат и подобри услови за одобрување и користење– додаде Апостолов.

Заради поефикасна работа , од Секторот за туризам и локален економски развој, апелираа , на состаноците да присуствуваат сите членови, бидејќи претходно се согласиле да бидат дел од  координативно тело за развој на туризмот во Охрид.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *