Георгиески: Како локална власт покажавме дека инвестираме во рамномерен развој за сите делови на Охрид

Континуирано работиме за решавање на вистински проблеми и во интерес на реалните потреби на граѓаните. Еден од предусловите за овозможување на квалитетен живот во сите населби е подобрување на комуналните услови и инфраструктурата. Како локална власт покажавме дека инвестираме во рамномерен развој за сите делови на Охрид.

Со изградба на оваа, нова улица на потегот во поранешната касарна „Михајло Апостолски“ од пресекот со улица „Кленоец“ до улица „Радојца Новичиќ“ значително ги подобривме условите за безбеден сообраќај и поврзаност на жителите кои живеат во овој дел на градот.

Улицата е изградена по сите стандарди за безбеден сообраќај. Беше поставена нова атмосферска канализација, се изврши уредување и поплочување на тротоарите од двете страни на улицата. Беше извршено асфалтирање на коловозот и беше поставена соодветна сигнализација и осветлување. Вредноста на проектот е околу 13 милиони денари. Исто така, на овој потег беше изградено ново баскет игралиште, а од неодамна беше поставено и ново детско игралиште.

Во претстојниот мандат предвидуваме имплементација на идејно решение за подигнување на нов атрактивен комплекс „Градски парк Касарна“. Планирано е уредување на ново зелено подрачје, со нови пешачки патеки, урбана опрема, цветни леи и фонтани. Планирано е да биде засадено ново нискостеблесто зеленило и да бидат подигнати нови дрвореди. Во рамки на паркот ќе биде поставено ново осветлување, игралишта со детски реквизити, летниковци и други интересни содржини.

Исто така, на овој потег предвидуваме изградба на нова спортска и рекреативна инфраструктура со што Охрид добива современа спортска зона која ќе ги подобри условите за спортување. Веќе е аплициран проект и одобрени се средства за изградба на Адреналински парк со сите забавни содржини и за деца и за возрасни. Предвидуваме изградба на нова памп патека за велосипеди, ролери и скејтери, уредување на современи Голф терени, како и нова Трим патека.

Имаме најдобри планови и нудиме реални проекти за подобар развој на Охрид. Покажавме дека сме значително поразлични од нашите претходници, затоа што НИЕ не ГАРАНТИРАМЕ, ние РЕАЛИЗИРАМЕ! Нашето „ЌЕ“ е видливо на ДЕЛО. Затоа сум убеден дека граѓаните и овој пат остануваат на вистинската страна.

На 17-ти октомври охриѓани ќе го изберат бројот 12 и „Најдоброто за Охрид“! Ќе изберат храбост, одлучност и посветеност! Охрид има градоначалник!

Ви благодарам