БРОЈНИ СВЕЧЕНОСТИ ВО ЧЕСТ НА ХРИСТО УЗУНОВ

Во организација на Општина Охрид, денеска започнаа свеченостите по повод одбележувањето на 110 години од херојската смрт на Христо Узунов. Во Спомен куќата на Христо Узунов , за книгата „ Спомени“ од Ангел Узунов , пригодна реч одржа Наташа Котлар од Институтот за национална историја, а кустосот Горан Митрески, зборуваше за новиот експонат, кесето на охридскиот војвода Узунов.

На Малиот плоштад, кај поранешната градска библиотека се одржа манифестацијата „ Акорди и стихови во чест на Христо Узунов“ на која за великото дело на херојот, пригодна реч одржа градоначалникот Никола Бакрачески.

-Денеска се собравме да ја одбележиме 110- годишнината од херојската смрт на Големиот охриѓанец, револуционерот Христо Узунов, но и  да ја славиме храброста, посветеноста и љубовта кон татковината. Узунов, во   колективната меморија на македонскиот народ  ќе остане врежан како пример за херојство и саможртва , јунак за кого љубовта и обврските кон татковината биле  поголеми од оние кон сопствената мајка.
Христо Узунов бил еден од најистакнатите учесници во Илинденското востанието во 1903 година , а по неговото завршување, тој  заедно со својата чета останал да го штити македонското население. На 24 април 1905 година, заедно со своите соборци заминува за селото Цер, Кичевско, каде бил предаден и опколен од силна турска војска. Гледајќи дека се во безизлезна ситуација и несакајќи живи да се предадат,   Христо Узунов и 11 негови соборци извршуваат  колективно самоубиство. Во времето пред да ја направат саможртвата Узунов ќе го напише претсмртното писмо. Турската војска откако ги пронашла мртвите тела на револуционерите, во нивна чест, испукала почесен плотун како почит кон хероите.
Во Македонската револуционерна борба, нашиот сограѓанец Христо Узунов има посебно место, а неговото предсмртно писмо, а посебно писмото до неговата мајка  сеуште ги треперат душите на македонскиот народ.  „Мила моја мајко,Јас сум прв твој син и мој долг е да бидам околу тебе, за да не чувствуваш потреба од ништо. Но, можам ли, кога ги чувствуам болките на нашата измачена Татковина, да не се оддадам со љубов на најверен син на нејзиното свето дело? . Маките на Татковината се повеќе од сите страданија на секоја наша мајка. И јас – без ни најмалку да те навредувам – се чувствувам повеќе син на втората моја мајка – Македонија, отколку на тебе, која си ме родила- ќе напише Христо Узунов.Овие искрени, емотивно чисти пораки  на еден херој, патриот и борец за слобода на македонскиот народ, треба да не мотивираат нас, но и идните генерации, како и колку треба да ја почитуваме и на свој начин да се бориме и да ги чуваме слободата и татковината- Република Македонија- 
рече градоначалникот Никола Бакрачески.

Тој објави дека ќе покрене иницијатива Советот на општина Охрид да донесе одлука Малиот плоштад да го носи името на Христо Узунов.

Градоначалникот Никола Бакрачески   им ги врачи наградите на најдобрите од ликовниот и литературниот конкурс  што по повод патрониот празник го распиша  ОУ „ Христо Узунов“ .На учениците  Петар Гогов и Теодора  Китаноски им беа врачени први награди за најдобри ликовни дела, а на Ева Симоноска, Ана Сладиќ, Марија Јовева и на Нуки Ина Осман за најдобри литературни дела.

Во културно-уметничкиот дел беше прочитана најдобрата литературна творба, настапија ученичкиот хор и ритмичката  секција на ОУ „ Христо Узунов“ и ансамблот „ Билјана- Јуниор“

Вечерва во рамките на одбележувањето на патрониот празник  на ОУ „ Христо Узунов“ , во Центарот за култура „ Григор Прличев“ во 18 часот и 30 минути ќе се отвори ликовна изложба, а во 19 часот во големата сала ќе се одржи Свечена приредба.

Свеченостите продолжуваат утре во 9 часот со полагање на свежо цвеќе на споменикот на Христо Узунов во градскиот парк, а во 11 часот кај спомен обележјето во селото  Цер- Кичевско ќе се одржи Панахида и  културно уметничка програма. За заинтересираните граѓани има организира превоз од градскиот парк со тргнување во 9 часот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *