КСС: Наместо да кажувате дека административните службеници се корумпирани, зголемете им ги платите!

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) соопшти дека „остро се спротивставува“ на изјавата на претседателот на Владата, Зоран Заев дека корупцијата не постои во високите ешалони на власта, туку кај административните службеници.

Во денешното соопштение од КСС во кое се обраќаат до премиерот Заев, се наведува дека корупцијата во највисоките ешалони на власта постои, што според нив, го покажуваат бројни извештаи меѓу кои и тој на Транспаренси Интернешнл и на Стејт Департментот.

– Што и да речете, на кого и да ја префрлате вината, Вашата Влада, заедно со министерствата и државните органи се оние кои што се корумпирани. Самата корупција потекнува од избраниците на премиерот кои пак вршат политички притисок врз вработените во јавниот сектор. Корупцијата никогаш не може да се случува од долу па нагоре, туку обратно, бидејќи јавните набавки и тендерите се во рацете на функционерите коишто се избрани од страна на Владата, се наведува во соопштението од КСС.

Од КСС меѓу другото посочуваат дека многу пати во минатото кажувале дека од 120.000 вработени во јавниот сектор, 58.000 вработени државни службеници земаат плата од 15.000 до 17.000 денари, сума со која што, според нив, не можат ни да ги покријат основните трошоци за живот, со оглед на тоа дека „имаме поскапување на најголемиот дел од производите кои што ни се потребни за да преживееме“.

– Наместо да кажувате дека административните службеници се корумпирани, зголемете им ги платите и конечно направете дигитализација на администрацијата и престанете да вршете притисоци врз нив преку вакви изјави. Доколку продолжите вака да ги обвинувате административните службеници, наскоро ќе се соочите со нивниот револт кој што верувајте дека нема воопшто добро да се одрази врз функционирањето на системот во државата, му порачуваат во соопштението од Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија на премиерот Зоран Заев.