Албанија обезбеди бесплатни брзи тестови за туристите

За туристите кои планираат летниот одмор да го поминат на некоја убава дестинација на Јонско или Јадранско море во Албанија, Министерството за здравство на Албанија покрај тоа што скоро целосно ги олабави мерките за заштита од Ковид 19, сега обезбеди и бесплатни брзи тестови за туристите кои се сомневаат дека се заразиле со корона вирусот.

Во секоја летна здравствена амбуланта во крајбрежните и планинските туристички области, се нуди 24-часовна услуга за секоја итна медицинска помош, како и бесплатен брз тест, за секој случај за кој постои сомневање за Ковид-19. Во случај на појава на некој од симптомите, одете во најблиската здравствена амбуланта. Заедно, да го ограничиме ширењето на коронавирусот, за безбедна туристичка сезона, напиша Манастирлиу во објава на Фејсбук. На располагање е и бесплатниот телефонски број 127.

Министерката за здравство и социјална заштита Огерта Манастирлиу информираше дека почнале да функционираат 29 здравствени амбуланти каде 24 часа се достапни здравствени услуги, како и бесплатни тестови за секој сомнителен случај.

Во меѓувреме во земјата продолжува процесот на имунизација, а епидемиолошката состојба е стабилна.

Четири дена по ред нема починат како последица од Ковид-19, бројот на заразени е минимален, односно вчера имаше само четири нови случаи, од направени 2771 тест, активни на болеста се 124 од кои болнички се лекуваат само седум пациенти.