СО РЕГИОНАЛНА ПАКЕТ ПОНУДА ДО ПОГОЛЕМ БРОЈ ТУРИСТИ
Со понуда на целокупните продукти на туризмот кои се карактеристични за овој регион, општина Охрид заедно со Вевчани и Дебрца од македонска и Корча и Поградец од албанска страна, ќе се стреми кон привлекување поголем број туристи кои бараат туристичка понуда во која се вклучени алтернативен, духовен, верски, спортски, културен туризам.
– Афинитетите на оние кои патуваат или на туристите се квалитетно и квантитетно изменети во однос на она што ние го имавме како афинитет пред 50-ина години . Веќе ги немаме оние стандард гости кои седум дена би доаѓале на една туристичка дестинација и кои во сите тие денови би биле сместени во само еден хотел или би седеле на една плажа. Гостите повеќе би сакале да се движат, да видат многу специфични работи во дестинацијата која ја избрале за одмор. Развојот на туризмот во секоја одделна општина е комплементарен со развојот на туризмот во целиот регион. Ние во нашата понуда мораме да ги внесуваме туристичките продукти на сите поодделни општини во регионот. Само на тој начин сите ќе успееме во однос на развој на туризмот , бидејќи на туристите им нудиме разноврсна понуда која е многу попривлечна и поатрактивна , потенцира Бакрачески.