ХУМАНИТАРНА АКЦИЈА „ОД СРЦЕ ЗА ТАТКОВИНАТА“

Средношколската младинска организација при ОУТУ „Ванчо Питошески“ во периодот од 9 до 13 февруари организира хуманитарна акција „Од срце за татковината“, за помош на семејствата од поплавените подрачја низ Македонија.

За таа цел сите вработени во Училиштето и учениците кои се во можност донираа продукти кои им се неопходни на настраданите, како и парични средства кои ќе бидат донирани на сметките за помош на луѓето.

Собраните средства понатаму спакувани во соодветни картонски кутии ќе бидат доставени до „Црвен крст- Охрид“.

Нашите срца се со луѓето. Горди сме што сме Македонци, горди сме на нашите ученици и професори. Покажавме дека имаме големо срце, дека сме училиште на солидарност – центар за пример. Ова е уште еден потег кој е за поздравување, велат од Средношколската младинска оргнаизација.

Акцијата која е со хуманитарен карактер има за цел да ја поттикне хуманоста кај младите, но и возрасните и преку конкретни дела да се покаже солидарноста и грижата за нашите сограѓани. Многу е важно што кај учениците се развива свеста за солидарност, да се даде помош во моменти кога на човек му е најпотребна, да се сочувствува со туѓата болка, да се размислува за природните катастрофи како нешто што може да му се случи на секому и секаде, но токму човечкото во нас истите може да ги ублажи. Подадената рака е утеха! Акцијата продолжува и понатаму.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *