Во Охрид отворен четвртиот програмерски маратон „Codefest“

“Challenge Your Limits“ е мотото под кое викендов во Охрид се одржува четвртото по ред издание на програмерскиот маратон „Codefest“. Годинешниот „Codefest“ е со проширена агенда, во чии рамки ќе се одржи научна конференција, 32-часовен маратон во програмирање и „експо“, односно саемски дел на кој се презентираат познати брендови од областа на информатичката технологии.

Министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска во обраќањето пред учесниците истакна дека во време кога инжинерите работат рамо до рамо со креаторите на јавни политики, кога сопствениците на бизниси зависат од интернет-структурата, програмерите учат право, кога фармерите не гледаат во небото за да видат дали ќе врне туку тоа го дознаваат од своите мобилни телефони, информатичката технологија навистина е основата за секој успех во која било сфера.

photo code fest

– Ако некогаш големите компании ги победувале малите, денес брзите компании и оние кои се технолошки понапредни се победници на пазарот. Технологијата им овозможува на конкурентите да ги преминат претходно затворените географски граници, им овозможува успешно натпреварување во глобализирана средина и оттаму ќе гравитираат кон локации за работа каде има добра инфраструктура, обучена работна сила, стабилна и поволна инвестициска клима, рече таа.

За условите за бизнис во ИТ што ги нуди Македонија министерката рече дека нашата земја можеби не е „силиконската долина“, но низ годините има создадено добар еко-систем што опфаќа солидна информатичко-комуникациска инфраструктура, едуцирани и талентирани млади и растечка претприемачка култура.

– Нашата земја е мала, но има одлична бизнис-клима и тоа е нашата предност кога се работи за луѓе и компании со големи идеи да реализираат иновативни проекти, дури и да ги имплементираат на национално ниво. Со растечката економија и лесен пристап до европскиот пазар, успешните пилот-проекти можат брзо да бидат проширени и на европските земји, рече таа.

Благој Трајковски, инжинер за траснспортни мрежи во гигантот од областа на ИТ „Гугл“, е еден од експертите што на учесниците на „Codefest“ ќе се обиде да им пренесе дел од своите искуства, методите што компанијата ги користи во секојдневната работа, чувството за тимска работа, како некои од клучните моменти што иницираат позитивни промени кај секој млад програмер.

– Континуирана работа е најбитната алка во синџирот што води кон успехот. Сметам дека постојано вложување во себеси, искрен пристап кон работата и контактите околу себе би биле потребните квалитети за успех и напредок во работата. Потребно е фокусирање во талентот, успехот ќе дојде сам по себе, рече тој.

Во натпреварувачкиот дел на програмерскиот маратон ќе учествуваат 54 екипи од целиот свет, што е извонредна можност за преставување на нивниот талент и креативност ИТ компании како потенцијални вработувачи. На настанот ќе бидат присутни и претставници на повеќе акцелератори и инвеститори подготвени понатаму да работат со тимовите што ќе покажат добри резултати, а и да инвестираат во најдобрите идеи.

Што се однесува на конференцискиот дел од „Codefest“, свои презентации ќе имаат 24 предавачи, односно експерти од повеќе области како технологија, иновации, дигитален маркетинг, стартапи и инвестиции. На конференцијата ќе се даде осврт и на моменталните состојби во развојот на технолошката и стартап сцената кај нас и во регионот.

извор:курир

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *