ОХРИД ГО ЧЕСТВУВА ЛИКОТ И ДЕЛОТО НА ГРИГОР ПРЛИЧЕВ

Со низа настани во рамки на манифестацијата „Прличеви Беседи“, Општина Охрид го чествува ликот и делото на Григор Прличев и одбележува 130 години од неговата смрт.

Градоначалникот Кирил Пецаков присуствуваше на панихидата која се одржа на вечното почивалиште на Григор Прличев во дворот на црквата „Света Богородица Перивлепта“ и имаше свое обраќање на настанот „Стихови и звуци за Прличев“ кој се одржа во спомен куќата на ловороносецот.

Градоначалникот Пецаков ја предводеше делегацијата на Општина Охрид која положи ловоров венец на спомен бистата на Григор Прличев пред градската библиотека. Свежо цвеќе во чест на големиот поет беше положено и на неговито споменик во истоименото училиште.

Во рамки на манифестацијата, вчеравечер во Центарот за култура беше врачена наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема. Наградата беше доделена на поетот Зоран Анчески за неговата поема „Коњски житија“.

Како дел од чествувањата во Библиотеката „Григор Прличев“ се одржа и традиционалната „Прличева визита“ на која беше прогласена најдобрата беседа за 2023 година на тема: „Прличев и ние“, а се одржа и промоција на аудио-записот, есејот: „Душевните очи на Григор Прличев“ од академик Анте Поповски.

Чествувањата ќе бидат заокружени вечерва со Свечена приредба по повод Патрониот празник на ООУ “Григор Прличев“ која ќе се одржи во спортската сала на училиштето.