СТАРТУВАА АКТИВНОСТИТЕ ЗА ПОДИГАЊЕ ХОТЕЛ ОД БРЕНДОТ “SMALL LUXURY HOTELS“

Започна градежните активности за подигање на луксузен хотел  од  светски познатиот бренд “Small luxury hotels” во Охрид. Инвеститорот, домашната компанија “Дивелоп груп” , деновиве стартува со земјените, подготвителни  работи.

Луксузниот хотел кој ќе биде сместен  на атрактивна локација на     јужниот дел од  брдото  кај  “Инекс Горица” се очекува  да биде готов за  две години.

– Со тоа охридскиот хотелски туризам влегува во една нова насока кога следејќи ги потребите и барањата на туристите кои што доаѓаат во Охрид се менува и квалитетот и стандардите се подигаат  на едно повисоко ниво онака како што Охрид заслужува, рече  градоначалникот Никола Бакрачески кој посочи дека во овој момент Управата за имотно правни работи  при Министерството  за финансии има објавено оглас кој  се однесува на  продажба на двата објекти од поранешната детска болница чија намена ќе биде изградба на луксузен хотел.

Луксузен  хотел е предвидено да се гради и  на дел од локацијата на поранешното  детско одморалиште во населбата “Св. Стефан“. Два хотели од кои едниот ќе биде луксузен се очекува да се изградат   и кај поранешните  бараки на градежната компанија “Трудбеник“.  Со овие вложувања во туризмот Охрид конечно ќе може да одговори на пребирливите гости.

 – Завршени се сите подготвителни  работи, се привршува урбанистичко – планската документација со цел да се обезбеди можност за изградба на луксузни хотели со што Охрид влегува во една нова ера кога инвеститорите се стимулираат да градат хотели од висока категорија односно луксузни хотели она што на градот Охрид долго му недостига а за што гостите имаат барања и афинитети, додаде  градоначалникот Бакрачески.

Од бројните потенцијални странски инвеститори најголемиот дел од нив покажуваат интерес да инвестираат во хотелскиот сектор со што директно допринесуваат во развојот на туризмот како битна стопанска гранка во Охрид.

Инаку, брендот „Small luxury hotels“, има синџир од 520 хотели во околу 80 земји низ цел Свет.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *